Соучесниците во бегството на Груевски да одговараат пред законите
Соучесниците во бегството на Груевски да одговараат пред законите, бара СДСМ. Од партијата се сомневаат дека одбраната на како што велат, криминалот на Груевски од Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е во функција да му помагнат во неговиот план. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со постапката на нивниот почесен претседател, бидејќи како што сметаат, така се загрозуваат и другите лица кои се мета на политички прогон...

Матичната партија на Никола Груевски не се согласува со неговото заминување во Будимпешта. Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека тоа не е опција, дури и кога сите знаат дека стaнува збор за политички прогон, затоа што така се загрозувале и другите кои според партијата се цел на прогон. Портпаролот Стоилковски, обвини дека опозицијата е под политички инструирана полициска опсада, и како што рече, ова се случува за да се покрие немоќта и неспособноста на власта. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека беспотребно биле вознемирувани нивни членови, а полицијата како што рекоа работела под политички диктат.
„Сега треба, и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски и Зоран Заев да одговорат кого лажат и кого замајуваат. Тие имајќи ги во раце неограничените ресурси на државната безбедност и под едни вакви услови сакаат и уште сакаат лажно да прикажат дека не знаеја, или не знаат за движењето на Никола Груевски? Тоа е дилема која треба тие да ја одговорат“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од владејачката СДСМ пак, бараат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски да одговори, дали знаел за планот на Груевски, со оглед на фактот дека пред неколку недели остварил средба со почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека се сомневаат оти досегашната одбрана на Груевски од раководството на ВМРО-ДПМНЕ е во функција да му помогнат во неговиот план, вклучувајќи го и бегството. СДСМ со повик до институциите да отворат истрага.
„Ги повикуваме сите надлежни институции, конкретно Основното јавно обвинителство да отвори истрага и целосно да се расветли случајот и да се лоцираат сите виновници. Сите соучесници вмешани во бегството на криминалецот Груевски мора да одговараат пред законите. Надлежните институции мора да ги искористат сите свои капацитети за Груевски да биде донесен онаму кадешто му е местото – на издржување на казната затвор“, вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Социјалдемократите тврдат дека не станува збор за политички прогон врз поранешниот премиер, туку се спроведувала правдата.
Викторија Милевска
