Во пораст бројот на заболени од дијабетес
Во Македонија расте бројот на заболени од дијабетес. Од 120 илјади пациенти, 40 илјади примаат инсулинска терапија. Определба е да се помогне во раното детектирање на болеста, за навремена и адекватна терапија- велат здравствените работници. Од ресорот потенцираат дека нивна целосна посветеност е обезбедување квалитетна инсулинска терапија за лекување на болните од дијабетес...

На еден дијагностициран пациент со дијабетес има уште еден кој што не знае дека ја има болеста. Секојдневно се зголемува бројот на болни. 120 илјади луѓе ја делат истата судбина, а 40 илјади примаат инсулин. Лекарите алармираат, доколку шеќерната болест не се открие навреме, предизвикува компликации поврзани со срцето, крвните садови, бубрезите, оштетување на видот.
„Дијабетесот често се нарекува и тивок убиец, почетокот може да биде и без симптоми и пациентите можат да се дијаностицираат во фаза кога веќе имаат развиено дијабетични компликации. Се планира да се спроведе систематски скрининг на лицата кои спаѓаат во ризични категории да развијат дијабетес. А ризични категории освен возраста се дебелината и неадекватната или недоволната физичка активност“, изјави Саша Јовановска Мишевска, директор на Клиниката за ендокринологија.
Од Здружението на дијабетичари од Велес велат дека многу луѓе не можат да прифатат дека член од нивното семејство има шеќер во крвта, додаваат дека е потребна психолошка поддршка.
„Најмалото дете со дјабетес има две години, а е дијагностициран пред 4 месеци. Пред три месеци дијагностицирано е дете од 11 години, за кое семејството има сериозен проблем да го прифати дијабетесот и да се справи со дијабетесот. Имаме потреба од психолошка или психијатриска поддршка за вовед во дијабетесот“, изјави Димче Велев, претседател на здружението на дијабетичари „Лилипоп“ – Велес.
Надлежните им ветија на дијабетичарите дека ќе го решат проблемот со инсулинската криза и неговиот квалитет. Ќе се воведат и три нови типови инсулин.
„Воведуваме три нови типови на инсулин од најнова генерација од кои што еден е претставува и инсулинот за децата до 14 години. Би сакал да кажам дека во Македонија имаме околу 500 деца кои се заболени од дијабет на возраст до 14 години“, изјави Владимир Милошевски, државен секретар во Министерството за здравство.
Од идната година ќе почне испораката на новите апарати за мерење шеќер во крвта, дијабетичарите ќе бидат сигурни во точноста на резултатите.
Андријана Атанасовска
