Взаемни обвиненија меѓу Србија и Косово
Во Обединетите нации дебата за Косово. Ситуацијата е далеку од стабилна. Србија остро се спротивставува на формирањето косовски оружени сили- рече министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Според косовскиот претставник Влора Читаку, таа одлука е суверено право на граѓаните. Се бара продолжување на дијалогот, како единственото можно решение...

Шефот на УНМИК Захир Танин на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк рече дека одлуката на косовските власти да воведат царина на стока од централна Србија, како и усвојување на три нацрт- закони за силите за безбедност на Косово дополнително ги зголемуваат тензиите меѓу Белград и Приштина.
„Политичките разговори во Брисел се случуваат во момент на ситуација во која доминираат честите контрадикторни дејства на теренот. Активностите што се обидуваат да доведат до договор помеѓу Белград и Приштина, не придонесуваат за постигнување на политички компромис“, изјави Захир Танин, специјален претставник на Генералниот секретар на Косово во ОН.
Танин смета дека политичките разговори меѓу претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи во Брисел сепак ја потврдиле нивната заедничка намера да го продолжат дијалогот.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ во своето обраќање во Советот за безбедност порача дека Србија остро се спротивставува на унилатералните акти на Косово, пред сѐ трансформацијата на косовските безбедносни и вооружени сили и побара од членките на Советот да го осудат тој чин и да не го поддржат барањето на Косово за членство во Интерпол и другите меѓународни организации.
„Мора да признаам дека не разбирам како некој може да ја окарактеризира оваа ситуација како стабилна. Или можеби стабилна ситуација значи дека нападите врз Србите се дозволени и се сосема нормална работа“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.
Дачиќ рече дека Србија ќе вложи максимални напори да го продолжи дијалогот и да се најде трајно решение кое ги уважува интересите на српскиот и на албанскиот народ.
Амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку ја повика меѓународната заедница да го поддржи членството на Косово во Интерпол, истакнувајќи дека оние кои го опструираат приемот на приштина индиректно помагаат во организираниот криминал. Косово не создава армија со намера да се заканува некому, рече Читаку, туку дека целта е да придонесе во регионалната и глобалната безбедност.
„Дами и господа, ниту една држава, освен Косово, ниту едни други граѓани освен косовските немаат моќ на вето во формирањето на нашите вооружени сили. Ова е прашање на суверена одлука и не нешто за кое некогаш ќе разговараме со Србија“, изјави Влора Читаку, амбасадор на Косово во ОН.
Косовскиот претставник потврди дека дијалогот е единствениот можен пат за решение. Седницата за Косово, прва по шест месеци беше закажана за барање на Кина која на 1-ви ноември го презеде претседавањето со Советот за безбедност на Обединетите нации.
Марина Ристова
