СДСМ бара одговори од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за неговата улога во бегството на Груевски
СДСМ бара одговори од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за како што велат отворените сомнежи за неговата улога во бегството на Никола Груевски, и која била целта на неодамнешната негова посета на Будимпешта и Белград. Одговорноста за движењето, за методите и за начинот на бегството на Груевски е кај премиерот Заев и министерот за внатрешни Спасовски, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од нив побараа неотповикливи оставки...

Одговорноста за движењето, за методите и начинот на бегството на Никола Груевски е во власта, кај Зоран Заев и кај Оливер Спасовски, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата побара оставка од премиерот и министерот за внатрешни поради менаџирањето, на како што велат, политичкиот прогон врз почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Го злоупотребуваат бегството, го прикриваат својот дебакл со лажно вперување на прстот кон ВМРО-ДПМНЕ. Ги впрегнаа институциите и во политичкиот прогон во полна смисла на зборот притвораат лица кои редовно ги исполнуваа обврските кон судот. Овие притворања се политичка казна, а не правна санкција. Ова е уште една злоупотреба на институциите за нивни политички цели“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Од СДСМ бараат лидерот на опозицијата Мицкоски да одговори каква била неговата улога во бегството на Груевски. Според информации на партијата, Мицкоски во втората половина на октомври ги посетил Будимпешта и Белград. Прашуваат која била целта на посетите и дали била поврзана со бегството на Груевски?
„Дали заедно со Груевски бил нацртан планот за бегство? Мицкоски пред граѓаните должи одговори за основаните сомнежи за неговите активности во изминатиот период кои што се сомнежи учеството во бегство на Никола Груевски, особено што Мицкоски јавно потврди дека имал средба со Никола Груевски на која според негово кажување се разговарало за „личните моменти“ и „иднината“ токму на Груевски“, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Портпаролот Костадинов побара од институциите да ги истражат сите информации за бегството на Груевски.
Викторија Милевска
