Предистражна постапка

Обвинителството истражува- службени лица му помогнале на Груевски да избега

15.11.2018 14:48

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас за случајот со екс- премиерот Груевски. Обвинителството се сомнева дека одредени службени лица ги злоупотребиле службената положба и овластување и му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти земјава. Се подготвува документацијата за екстрадиција...

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почна предистражна постапка за бегството на Никола Груевски во Унгарија. Предметот е оформен по допрен глас, информираат од Обвинителството.

„Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија“ – пишува во дописот од Јавното обвинителство.

Предметот е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка издадени се наредби за прибирање податоци поврзани со настанот.

Министерството за правда ја подготвува обемната документација за екстрадицијата на Груевски, која треба да биде и преведена на угарски, а МВР врши внатрешна контрола дали некои од полицијата му помогнале на екс- премиерот да ја напушти земјата.

„Се работи за обемна документација околу 400 страници, но без разлика на бројот на страниците, барањето ќе биде официјално доставено до Унгарија во текот на овие денови. Одделот за внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници дека му помогнале, а дополнително Секторот за внатрешни работи Скопје го утврдува начинот на бегство, како и евентуално надворешни лица кои му помогнале“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Никола Груевски веќе неколку дена е во Будимпешта. Таму бара политички азил. Пребегал со образложение дека имал закани по неговиот живот. Осуден е на две години затвор за набавка на Мерцедес од 600.000 евра.

 

Миле Ристески