Дипломатија

Сијарто: За азилот на Груевски унгарските власти ќе решаваат според меѓународното право

15.11.2018 14:58

Барањето на Груевски за азил во Унгарија е правно, а не политичко прашање. Унгарските власти ќе решаваат според меѓународното право, му предочил шефот на унгарската дипломатија Сијарто во телефонскиот разговор на македонскиот колега Димитров. Шефот на македонската дипломатијата истакнал дека станува збор за осуденик, против кого се водат и други судски постапки за сериозни кривични дела. Димитров ја потенцирал важноста на владеењето на правото, како темелен европски принцип...

Барањето за азил на поранешниот премиер Никола Груевски е правно, а не политичко прашање, и унгарските власти ќе одлучуваат според меѓународното право. Ова, во телефонски разговор, му го соопштил шефот на унгарската дипломатија Петар Сијарто на македонскиот колега Никола Димитров. За време на разговорот, кој бил инициран од македонска страна, нашиот министер посочи дека станува збор за осуденик, против кого се водат уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела.

„Министерот ја потенцираше важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа, укажа на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја- членка на ЕУ, од личност во чие време на владеење, земјатакандидат за членство во ЕУ, беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од самата Европска комисија“, велат од македонското МНР.

Сијарто и на Димитров му потврдил дека Груевски поднел барање за азил до унгарските власти и оти процедурата е започната. Премиерот Орбан не сака да коментира ништо повеќе од она што стигна како информација од неговиот кабинет.

„Тоа е правно прашање, одговорот побарајте го кај адвокатите“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Од кабинетот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан наведуваат дека поранешниот македонски премиер се изјаснил дека сака да побара политички азил во унгарско претставништво надвор од нашата земја, но државата не ја откриваат, ниту како стигнал до канцеларијата за имиграции и азил во будимпешта кадешто ги поднел документите и бил сослушан. Во меѓувреме, сѐ уште не е познато како Груевски стигнал до одредиштето. Бугарското министерство за правда потврди дека Груевски не е нивен државјанин и нема бугарски пасош.

 

Анита Димитријевска