Заев- Борисов: Имплементацијата на договорот за добрососедство оди многу добро
Имплементацијата на договорот за добрососедство оди многу добро- заклучок на премиерите на Македонија и Бугарија, Заев и Борисов. Како резултат на тоа, подобрена и економската соработка. Во декември се планира заедничка владина седница. Премиерот Заев во Софија учествуваше на старт-ап европскиот самит...

Имплементацијата на договорот меѓу нашите две земји оди многу добро, оцени премиерот Заев по средбата со неговиот бугарски колега Борисов. Според него, економската соработка никогаш не била подобра. Ќе се отвораат нови гранични премини. Се градат патната, железничката и гасната инфраструктура. Заев вели дека Македонија останува посветена на реформите. Рече дека поделбите се надминати и е создадена меѓусебна доверба меѓу народите.
Бугарскиот премиер ја нагласи поддршката за македонските евроатлантски интеграции и имплементацијата на договорот по сите точки. Договорена е и заедничка владина седница. Ќе се одржи во Бугарија во почетокот на наредниот месец. Би се совпаднала, како што рече Борисов, со пуштањето на употреба на дел од автопатот Струма, меѓу Кресна и Сандански.
„Со соработката ќе им докажеме на сите наши противници кои тврдат дека сме се откажале од историјата , дека е обратно, двете држави имаат изобилство на историја. Се надевам дека нашите соседи ќе бидат во НАТО и во Европската унија , а со тоа ќе бидат и наши партнери во тие институции. Се надеваме на целосно завршување на Договорот со Грција. Заедно да им дадеме можност на нашите народи да прават бизнис, да патуваат и да го развиваат туризмот“- изјави бугарскиот премиер Борисов.
Во Софија се одржа Европскиот самит за развој на иновативни процеси. Македонската влада годинава за иновативните проекти издвоила над 13 милиони евра. На самитот беа присутни премиери од земјите на Западен Балкан, и комесарката за дигитална економија и општество во Европската комисија, Марија Габриел.
Наташа Гркова- Петрушевска
