Брисел

Самитот за формализирање на Брегзит на 25-ти ноември

15.11.2018 15:33

Лондон и Брисел постигнаа договор за Брегзит. Документот на 600 страници на разгледување пред земјите- членки. Европскиот совет ќе заседава на 25-ти ноември. Во кабинетот на Тереза Меј паѓаат оставки...

Доналд Туск потврди - Европскиот совет за Брегзит ќе се одржи на 25-ти ноември. Според него, главниот преговарач, Мишел Барние успеал да ги одбрани европските интереси и да ја ограничи штетата од одлуката на Велика Британија да го напушти блокот.  

„Заеднички постигнавме решителен напредок. Но, нашата работа сѐ уште не е завршена. Не чека долг пат, немаме време за губење“, изјави Мишел Барние, главен преговарач за Брегзит во ЕУ.

„Постигнавте две многу важни цели. Како прво, ги осигуравте ограничувањата на штетата предизвикана од Брегзит, и како второ, ќе ги заштите виталните интереси и принципи на 27-те земји членки и на ЕУ како целина. Комисијата има намера да се согласи во декларација за иднината на Обединетото Кралство до вторник. Дозволете ми да ви го кажам ова, мои британски пријатели, колку и да сум тажен што си заминувате, ќе сторам сѐ што можам да го направиме заминувањето помалку болно, и за вас и за нас“, нагласи Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Откако британската Влада го прифати нацрт- договорот за Брегзит, сега тоа треба да го стори и британскиот Парламент, но и лидерите на 27-те земји членки на ЕУ, по што договорот ќе може да влезе во процес на ратификација. За британската премиерка Меј, го постигнале најдоброто што можело.

„Знам дека нѐ очекуваат тешки денови. Ова е одлука која ќе наиде на интензивен надзор што е разбирливо. Но, овој договор ни овозможува да си ја земеме назад контролата и да изградиме посветла иднина за нашата земја“, вели британската премиерка Тереза Меј.

Во меѓувреме, министерот за Брегзит, Доминик Рааб, државната секретарка Суела Брејвмен, министерката за труд Естер Луис Меквеј и министерот за Северна Ирска, Шаилш Вара си поднесоа оставки. Не се согласуваат со договорот што Меј го постигна со Европската унија.

 

Марина Ристова