Законот за енергетика дава добра можност за инсталирање соларни ситеми
Законот за енергетика дава добра можност за инсталирање куќни соларни ситеми- велат од Здружението за соларна енергија. Сметаат дека вишокот електрична енергија треба да се продава во дистрибутивната мрежа.

Македонското здружение за соларна енергија ја смета за добра можноста што ја дава Законот за енергетика да се инсталираат кровни соларни системи, а вишокот електрична енергија да се продава во дистрибутивната мрежа. „Солар Македонија“ смета дека лимитираната моќност до 4 киловати за домаќинство и 20 за деловни субјекти е премала и не овозможува ефикасно искористување на инфраструктурата во која се инвестира.
„Четирикиловатни ќе бидат максимално стимулациите за приватни фотоволтаици што можат да се инсталираат и 20 киловатни ќе бидат фотоволтаичните системи што можат од компаниите да се инсталираат. Ние предлагаме тоа да биде многу поголемо затоа што веќе ја имате инфраструктурата, дали се тоа кровови или други простории и втора работа што е уште поважно голем е интересот“, изјави Илија Насов, Македонско здружение за соларна енергија.
Во Македонија е занемарливо искористувањето на сончевата енергија. Инсталирани се скромни 0,02 м2 по жител сончеви топлински колектори, а за споредба во Австрија со 30% помало сончево зрачење има 0,65 м2 по жител. Од Солар Македонија проблемот го лоцираат во законската регулатива. Производителите плаќаат царини за компонентите и нудат атестирани системи,а во земјава се увезуваат поевтини системи, но со далеку послаб квалитет. Субвенциите не треба да се доделуваат преку лотарија, туку да ја добива секој што ќе ги исполни поставените услови, вели Насов, најавувајќи нова генерација,, хибридни колектори“ кои што даваат и топлинска, но и електрична енергија. Приватниот сектор преку проектот на УСАИД ќе доаѓа полесно до потребниот кадар.
„Преку Солар Македонија проектот развива услуги кои што можат да го зајакнат приватниот сектор. Една од услугите што ќе се развива е пред се обука на инсталатери на соларни панели. Значи работната сила во тој сектор сериозно недостига бидеејќи имаме системски проблем во Македонија, институциите не развиваат таков кадар што го бара приватниот сектор“, изјави Мирјана Македонска-директор на проект на „УСАИД“.
Од соларната асоцијација велат дека проблем се ограничените средства за субвенционирање на користење на сончевата енергија, но честопати граѓаните не се информирани за можностите за користење на овие средства. Исто така, при градење на деловните објекти инвеститорите би требало да се изјаснат кој вид енергија ќе користат и од каде ќе ја добиваат.
Свето Николовски
