Ципрас: Договорот од Преспа- модел за решавање билатерални спорови

16.11.2018 11:29

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на самит во Солун истакна дека Договорот од Преспа претставувас меѓународен модел за решавање на билатералните спорови. Говореше и за перспективите и можностите што ги отвора на економски план...

Договорот од Преспа отвара економски можности, како на пример, железничко поврзување Пиреја- Солун- Скопје- Белград или финансирање прекугранични инфраструктурни проекти, ова го истакна грчкиот премиер, Алексис Ципрас на самит во Солун. Според него, Договорот од Преспа претставува модел за решавање билатерални спорови.

„Договорот од Преспа, според мое мислење, може да биде меѓународен модел за решавање на разликите на заемно прифатлив начин. Еден модел за многу измачениот регион на Балканот. Тоа е договор што ја истакнува Грција, што ги заштитува нејзините интереси и права, без да се крие, туку ја гледа вo очи иднината и можностите што ги има пред неа“, рече Ципрас.

Во организација на Федерацијата на индустрии од Северна Грција, од вчера, во Солун започна третиот Самит кој оваа година е под наслов „Европската перспектива, поврзаноста, индустрискиот развој и соработката на Западен Балкан“.