Предучилишно образование

Недостига кадар во градинките, треба да се работи на квалитетот

16.11.2018 12:51

Ресорната министерка најави зголемен опфат на децата и зголемување на капацитетот на градинките и квалитетот на кадарот. УНИЦЕФ смета дека и најсиромашните семејства имаат повеќе шанси да бидат вклучени во образовниот процес...

Има недостиг од кадар, а и не се работи на квалитетот- вака министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги објаснува состојбите со воспитувачките во предучилишната возраст. За следната година најави нови вработувања, бидејќи раниот детски развој е една од најважните алки во образованието на младите.

„Научно е докажано дека децата кои добиваат добро учење во предучилишната возраст, имаат подобри резултати во основното, средното и високото образование и придонесуваат повеќе во економскиот раст и развој на една држава. Инвестицијата во децата е најважна инвестиција“, рече министерката Царовска.

Од ресорното министерство велат- потребен е квалитет во предучилишното образование преку зголемување на опфатот на деца и капацитетот во градинките.

„Работиме на тоа преку еден инклузивен пристап да ги креираме нашите политики за побрзо да стигнеме до целта“, изјави министерот за образование, Арбер Адеми.

Од УНИЦЕФ тврдат дека работите се подобруваат - најсиромашните семејства сега имаат повеќе шанси да бидат вклучени во образовниот процес.

„Ова не е фер бидејќи ако погледнете во училница во прво одделение во основно образование може да забележите дека има големи јазични разлики, како и разлики во способноста за учење на децата што посетувале или не посетувале претшколкси образование“, рече Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.

Надлежните оценуваат- раното учење е најзначајно за да се постигне социјален и демократски развој.

 

Александра Спировска