Аерозагадувањето над дозволеното, се предлагаат мерки
Аерозагадувањето е над дозволеното, но недоволно часови во текот на денот, затоа не се воведуваат вонредни мерки, велат од Министерството за животна средина. Од зелената партија препорачуваат засилени инспекциски контроли на индустриските објекти, камионите да ја користат обиколницата и граѓаните да јавуваат за загадувачите. Граѓанските здруженија предлагаат на горивото да се додава супстанца за намалување на загадувањето и забрана за возила во центарот на градовите, како во другите европски градови...

Групи на „Фејсбук“ за собирање граѓани за организиран превоз- ова е само една од предложените иницијативи од невладините за намалување на енормното аерозагадување во земјава. Екологистите сметаат, властите можат веднаш да почнат да субвенцираат користење поеколошки горива.
„За возење во центарот на Лондон се наплаќа 10 фунти, мерка што можеби градските власти треба да ја воведат и кај нас во деновите со енормно загадување“, изјави Наташа Амдију, претседател на НВО Зелен институт.
Меѓу предлозите се и засилени инспекциски контроли на индустриските објекти, рестораните, домаќинствата и другите загадувачи, а камионите да ја користат обиколницата околу скопје.
„Да се користат дронови за откривање на загадувачите, па инспекторите да излезат на терен“, изјави Маја Морачанин, пратеник и претседател на ДОМ.
Неколку денови контунирано има аерозагадување над дозволеното, но процедурите за воведување вонредни мерки се изменети, па сѐ уште не се исполнети условите за нив, велат од Министерството за животна средина.
„Недоволно часови во текот на денот има загадување, затоа не се воведуваат вонредни мерки“, вели Ана Петровска, државен секреатар во Министерството за животна средина.
Во меѓувреме, откажаа неколку мерни станици за мерење на аерозагадувањето.
Министерството за животна средина нема доволно средства оваа година за справување со аерозагадувањето. Се чекаат донации од Европската унија за набавка на нови мерни станици.
Ирина Гелевска
