Камбоџа

Лидерите на „Црвените кмери“ виновни за геноцид

16.11.2018 13:19

Казна доживотен затвор за геноцид добија двајцата преживеани лидери на „Црвените кмери“. Во 2014-та веќе добија иста казна за злосторство против човештвото...

Единствените двајца преживеани од лидерството на Црвените кмери ја слушнаа пресудата -  виновни се за геноцид и за смртта на 1,7 милиони луѓе. Нуон Чеа и Киеу Сампан се осудени на доживотен затвор. Медиумите во јужноазиската нација оценуваат оти Меѓународниот суд за геноцид, воени и злосторства против човештвото донел историска одлука.

„Советот ја разгледа сериозноста на кривичните дела, вклучувајќи ги бруталноста, бројот на жртвите за кои обвинетите се осудени, како и релевантните и олеснителни околности. Комората ги осуди обвинетите Нуон Чеа и Киеу Сампан на доживотен затвор. Сметаме дека злосторствата на геноцид биле извршени против етнички Виетнамци и Чам муслимани“, изјави Нил Нон, судија.

Се верува дека близу два милиона луѓе, од кои најголемиот број Кмери биле убиени или починале за време на кусото, но брутално владеење на режимот на Пол Пот,  во периодот од 1975 до 1979 година.  Црвените кмери тежнееле да воспостават аграрна утопија, преку празнење на градовите и создавање големи селски заедници, но нивните радикални политики довеле до „авто-геноцид“ преку изгладнување, прекувремена работа и егзекуции.

„Нашата цел е да бараме правда во рамки на политичка стабилност и национално помирување. Тоа е најзначајниот начин да им се оддаде почит на жртвите на режимот на „Црвените кмери“ како и да се осигураме дека таква трагедија никогаш повеќе нема да се случи во светот“, рече Бин Чин, заменик премиер на Камбоџа.

Властите изјавија дека се надеваат оти пресудата ќе им донесе утеха на сите засегнати со геноцидот.

„Ја заслужуваат оваа казна бидејќи извршија огромни злосторства. Сите членови на моето семејство беа убиени, јас сум единствениот преживеан“, вели жртва на „Црвените кмери“.

„Ја прифаќам пресудата. Тие заслужуваат доживотен затвор“, изјави жител на Камбоџа.

Водачите веќе служат доживотни затворски казни откако на претходно судење, водено од 2011 до 2014 година, се осудени за злосторства против човештвото. Тие тврдат дека се жртви на политички прогон.

Марина Ристова