Заев: Со бегството Груевски ја призна вината
Јасно е дека Никола Груевски побегнал со унгарско дипломатско возило, изјави премиерот Заев. Отворена е двојна истрага која треба да утврди како избегал, а откако ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали, изјави претседателот на македонската Влада. Тој очекува екстрадиција на експремиерот Груевски и во земјава да ја отслужи казната затвор...

„Груевски е во Будимпешта и тука нема дилеми. Очекуваме да биде екстрадиран за овде да ја издржи казната затвор“- вели премиерот Заев. Јавно праша- дали тој доброволно ја напуштил Македонија или е киднапиран? Очекува одговор и од Груевски и од Унгарија. Според шефот на владата, Груевски со бегството во Унгарија ја признал вината за делата за кои е обвинет и осуден.
Отворена е двојна истрага која треба да утврди како избегал Груевски. Едната се води во обвинителството, другата во полицијата. Штом истрагата ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали, рече Заев. Ќе биде информирана и Евроската унија. Македонија очекува соработка од земјите- членки и пред сѐ, како што напомена, почитување на меѓународното право, а барањето за азил да биде одбиено.
Заев посочи дека албанските и црногорските власти ги доставиле информациите за преминувањето на Груевски на нивна територија. Според тоа, додаде дека било јасно оти екс- премиерот побегнал со дипломатско возило на Унгарија.
Наташа Гркова- Петрушевска
