Брисел не ја коментира улогата на Унгарија при бегството на Груевски
Официјален Брисел не ја коментира улогата на Унгарија при бегството на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски. Портпаролката Коцијанчич објаснува- некои работи се во надлежност на земјите- членки. Европската унија смета дека судската постапка не смее да се политизира, и посочува оти владеењето на правото е фундаментален принцип...

Европската Унија не сака да се меша во случајот со поранешниот премиер Никола Груевски и неговото барање за политички азил во Унгарија. Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич повтори дека не може да коментира судски процедури, но и дека случајот не смее да се политизира.
„Свесни сме за ситуацијата во врска со господинот Груевски, не коментираме за судски процедури што се во тек. Владеењето на правото треба да се почитува и во земјите членки и во земјите кандидатки, судските процедури не смеат да се политизираат“, изјави Коцијанчич.
Eврокомесарот Јоханес Јан преку социјалната мрежа „Твитер“ порача дека владеењето на правото е еден од основните критериуми за влез во Унијата.
„После години назадување, Македонија прави добар напредок во оваа област, вклучително и кривичното право. Сите земји- членки на ЕУ и соседи треба да го поддржат овој процес. Се работи за кредибилитетот на Европа!“, напиша Хан.
Претходно, албанската полиција соопшти дека екс- премиерот во неделата како патник во унгарско дипломатско возило ја напуштил Албанија во близина на Скадарското езеро, преку преминот Хан Хоти – Муриќан во период кога за него не била распишана потерница.
„Тоа е прашање со кое одговорните авторитети во земјава треба да се позанимаваат. Не сакам да се мешам во ова прашање, но сметам дека неговото заминување од Македонија е знак на слабост. Избегнувањето на правдата е неприфатливо и на некој начин е признавање на вината“, рече претседателот на Албанија, Илир Мета.
Црногорската полиција потврди дека Груевски влегол на 11-ти месецов во нивната земја и истиот ден ја напуштил.
На 13-ти ноември, екс- премиерот се огласи на социјалната мрежа „Фејсбук“ дека побарал политички азил во Унгарија.
Анита Димитријевска
