Владата очекува екстрадиција на Груевски, унгарските власти негираат дека му помогнале да ја напушти земјава
„Јасно е дека Никола Груевски побегнал со дипломатско возило на Унгарија“ вели премиерот Заев. Најави дека по завршувањето на истрагите, Министерството за внатрешни работи ќе ѝ ги соопшти на јавноста сите детали. Заев очекува Будимпешта да го екстрадира поранешниот шеф на македонската Влада, за тој во земјава да ја издржи затворската казна. Се огласи и Кабинетот на премиерот Орбан. Оттаму велат- ниту унгарската држава, ниту унгарските власти му помогнале на Груевски да ја напушти Македонија...

„Груевски е во Будимпешта и тука нема дилеми. Очекуваме да биде екстрадиран за овде да ја издржи казната затвор“, вели премиерот Заев. Според шефот на Владата, Груевски со бегството во Унгарија ја признал вината за делата за кои е обвинет и осуден.
Од Владата велат дека употребата на зборот „киднапиран“ е со иронична конотација, со цел да се добие став од Будимпешта за улогата на нивните амбасади за бегството на Груевски.
Отворена е двојна истрага која треба да утврди како избегал Груевски. Едната се води во обвинителството, другата во полицијата. Штом истрагата ќе заврши, МВР ќе ги соопшти сите детали, рече Заев. Ќе биде информирана и Евроската унија. Македонија очекува соработка од земјите- членки и пред сѐ, како што напомена, почитување на меѓународното право, а барањето за азил да биде одбиено.
Заев посочи дека албанските и црногорските власти ги доставиле информациите за преминувањето на Груевски на нивна територија. Според тоа, додаде дека било јасно оти експремиерот побегнал со дипломатско возило на Унгарија.
Од унгарската Влада соопштија дека во бегството на екс- премиерот Груевски од Македонија не помагала ниту унгарската држава, ниту унгарските власти. Не соопштуват други детали сè додека не заврши постапката за азил.
„Спротивно на објавените претпоставки, ниту унгарската држава, ниту унгарските власти не помогнаа Никола Груевски да ја напушти Македонија. Во согласност со унгарските законски прописи и меѓународната практика, сè додека постапката не заврши, унгарските власти не се во можност да обезбедат дополнителни информации за постапката за азил. Сепак, потенцираме дека Никола Груевски во Унгарија е законски, во согласност со законските одредби за процедурите за азил“, соопшти кабинетот на унгарскиот премиер.
Информираат дека канцеларијата го води процесот на азил во согласност со унгарскиот закон и во согласност со меѓународното право.
Наташа Гркова- Петрушевска
