Земјоделство

Откупот на тутунот може да почне

19.11.2018 11:01

Мострите се верификувани, поверениците на тутунските здруженија се одредени, а законскиот рок за почеток е од 15-ти ноември до 15-ти декември. Годинава 9 монополи пројавија интерес да го откупат родот кој се проценува дека ќе биде помал од лани...

Откупот на тутунот може да почне. Законот предвидува вратите на монополите да се отворат од 15-ти ноември најдоцна до 15-ти декември, во кој рок деветте откупувачи кои склучија договори со тутунарите мора да почнат со преземање на родот.

Со верификацијата на мострите тутун и со одредувањето на претставници од здруженијата и од претпријатијата на откупните пунктови и на вагите, привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот.

Според тутунските експерти годинашнава реколта е помала, и се очекуваат околу 22.000 тони тутун, со понизок квалитет. Има потфрлување на квалитетот, особено во првата и втората берба поради врнежите и влажноста за време на сушењето, па се очекува и цената да биде нешто пониска од ланската просечна од 217 денари.

Сепак, тутунарите се надеваат на поголема побарувачка, а со тоа и повисока откупна цена за 20 насто од лани. Деветте откупувачи во земјава склучиле договори и бараат да купат 28.000 тони тутун.

 

Методија Трајков