Каде се 30 илјади монети од музеите во Скопје и Охрид?!
Речиси 30 илјади монети биле откриени, а на листата на Музејот во инвентарната книга до 1997 година фигурирале само 3.323 монети, додека пред 10-на години незначителни 18 монети...

30 дена притвор за седумтемина кои ќе одговараат за исчезнувањето на 162 предмета од непроценлива вредност од Музејот на Македонија. Осомничениот Паско Кузман останува во домашен притвор, кој го заработи за „Фаланга“.
На распит кај обвинител само еден се бранел со молчење. Никој не побарал спогодба. Според истрагата, кражбата на артефактите се случувала од 2011-та до 2013-та година. Полицијата дошла до фрапантни сознанија и факти.
„При претресот во делот на работната просторија и службената канцеларија во Музеј на Македонија, а кои ги користат двајца од пријавенитебеа пронајдени се вкупно 29.472 монети, а при увидот во инвентарната книга утврдено е дека до 1997 година евидентирани се вкупно 3323 монети, а од 18.01.2001 година до 15.09.2003 година вкупно 18 монети или севкупно во Музеј на Македонија со инвентарни броеви евидентирани се 3341 монета“, истакна на прес конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска .
Кај приведените при претресот биле запленети голем број артефакти, монети, икони, маски, прстени. Кај златарот најмногу. Била најдена и документација која обвинителството допрва ќе ја анализира. По наредба на јавниот обвинител е запечатен Музејот во Охрид. И таму ќе се врши претрес.
„Најдовме дел од предметите, за останатиот дел и понатаму ќе следат претреси , но за да утврдиме дали и дел од овие украдени предмети се меѓу најдените предмети и дали се оригиналните или станува збор за реплики ќе треба дополнително да се утврди“, вели јавниот обвинител Гордана Гешковска од Основното јавно обвинителство – Скопје.
За кривичните дела за кои се товарат осумтемина најголемата казна што може да ја заработат е од 10 до 15 години затвор.
Наташа Гркова- Петрушевска
