Свет

Протести против мигрантите во Тихуана

19.11.2018 13:57

Мигрантите од Централна Америка се соочуваат со нова пречка кон ветената земја. Мексиканците во Тихуана на протести против карванот од Хондурас, чијашто крајна дестинација се САД...

Стотици жители на мексиканскиот град Тихуана протестираа против мигрантскиот карван од Централна Америка кој се движи кон САД. Незадоволни се што владата ќе ги троши нивните пари за дојденците кои ги сметаат  за безбедносна закана. Во последните денови пристигнале околу 3000 мигранти. Американските гранични власти дневно обработуваат по сто молби за азил на граничниот пункт „Сан Исидро“ меѓу Тихуана и градот Сан Диего, Калифорнија, иако таму пристигнуваат илјадници луѓе.

„Бараме контрола на легалната миграција. Револтирани сме од користењето  државни пари за овие ситуации. Ако не преминат, ќе мора да се депортираат, да се затвори јужната граница и овој проблем да се третира како прашање од национална  безбедност“, изјави Фидел Гонзалес, организатор на протестот. .

„Очигледно е дека мора да се бориме со ксенофобијата насекаде во светот. Ќе следиме што се случува овде, ова е невообичаена ситуација“, вели Алден Ривера, амбасадор на Хондурас во Мексико.

„Претседателот Трамп им кажа на мексиканските власти да ги вратат карваните, да ги заштитат границите за да не мора да ја затвори границата. Кој ќе има последици? Па, ние, бидејќи многумина доаѓаат и одат, се враќаат да најдат работа.“

И покрај заштитничкиот и непријателски став на локалното население, мигрантите се решителни да стигнат до крајната цел,  каде што очекуваат многу подобар живот од оној во татковината.

„Имаат право на протест бидејќи не им се допаѓа што сме овде. Но Мексиканците се добри луѓе. Тие се како нас. Ние само поминуваме, нема да останеме овде“, изјави  Арина Розалес, мигрант од Хондурас.

„Длабоко во душата знаат дека не доаѓаме да ги повредиме. Што и да се случи, ние ќе се тргнеме од нив, не сакаме проблеми. Едноставно е, ние ги сакаме нив. Благодарни сме што не примија, што ни даваат храна. Како да се бориме по се што ни дадоа?“

„Замислете, ние бегаме од насилството во татковината. Зошто би предизвикувале насилство овде?“

Во меѓувреме, група од околу 200 мигранти, кои сакаат да влезат во САД без виза, и покрај заканите дека ќе бидат вратени, формираа нов карван во Eл Салвадор.


Маја Филдишев