Почна откупот на тутунот
Почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Зголемен е бројот на склучени договори и на издадени евидентни листови. Инспекторите се на терен. Се очекува процесот да се одвива непречено, а цените да бидат стабилни...

Почна да се мери на вага годинашниов труд на тутунарите. На официјалниот старт на откупот во Прилепскиот Тутунски комбинат, производителите со очекувања и надежи.
Годинава беше турболентна за производството, но според процените не се очекува родот да биде помал од 23.500 тони. Во споредба со лани потпишани се 4.700 договори, а тутунот беше засаден на зголемен број хектари. Се очекува стабилен откуп.
Ќе откупуваат 9 компании, од кои 8 засега имаат обезбедено гаранција за исплата на родот. Прилепскиот комбинат ќе плаќа во рок од три дена, а поверениците на тутунарите будно ќе го следат откупот.
Деновиве ќе се интензивира откупот. Рокот за старт на кампањата е до 15-ти декември. До крајот на годинава се најавува да биде донесен и новиот Закон за тутун.
Државата ветува дека останува поддрката на тутунпроизводството кое годишно носи 100 милиона евра девизен прилив, од кое егзистираат 23.000 македонски семејства.
Елизабета Митреска
