МНР му врачи протестна нота на унгарскиот амбасадор
Македонија упати протестна нота до Будимпешта поради пребегот на поранешниот премиер Груевски. Официјално Скопје очекува негативен одговор на барањето за азил и екстрадиција...

Министерството за надворешни работи му врачи протестна нота на унгарскиот амбасадор во земјава, Ласло Дукс поврзана со бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски во оваа земја и поднесеното барање за азил.
Државниот секретар Виктор Димовски на амбасадорот Дукс му ја пренел пораката оти земјава очекува Унгарија да постапи во духот на добрите билатерални односи и на европските вредности и принципи, поврзани со владеење на правото, и веднаш и без одлагање да го отфрли барањето за добивање азилантски статус на Груевски и екс-премиерот да ѝ го предаде на Република Македонија, за како што наведуваат од МНР, тој да ја изврши казната затвор и да завршат и другите судски постапки против него.
Во меѓувреме, Судскиот совет извести дека по информациите за евентуални пропусти во постапувањето на Кривичниот суд во случајот со Груевски, се преземаат сите активности, согласно законот.
