Министерката Шекеринска во посета на македонскиот контингент во Авганистан
Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013-та година.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска е во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО – Алијансата за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“, во Кабул, Авганистан.
Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013-та година.
Шекеринска, како што соопшти Мнистерството за одбрана, утрово во Кабул се сретна со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) како и со најстариот национален претставник на Република Македонија, полковникот Кенан Рахиќ.
На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа своите активности во Авганистан. Шекеринска им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка ѝ помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.
Во текот на денов министерката ќе се сретне со македонските војници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со командантот на мисијата, генерал Остин Скот Милер, со највисокиот цивилен претставник на НАТО, Корнелиус Цимерман и ќе има уште една неформална средба со македонските мировници во Кабул.
Во Авганистан заедно со министерката Шекеринска, во посета на македонскиот контингет се и заменикот началник на генералштабот на АРМ, Азим Нуредин, како и тројца пратеници – Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили.
