Шекеринска во посета на нашите мировници во Кабул
Министерката за одбрана Шекеринска е во посета на нашите мировници во Кабул. Пред нив министерката ја повтори стратегиската цел на Македонија за скорешно членство во Северноатлантската алијанса. Нашите војници се дел од „Одлучна поддршка“ и се инструктори на авганистанските безбедносни сили...

Министерката за одбрана Шекеринска во прва посета на македонските војници во Авганистан. Македонскиот контингент е дел од мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ и Командата за обука, советување и асистенција на авганистанските сили „КОСА“. Од почетокот на годинава, бројот на припадници на АРМ во операцијата во Авганистан се зголеми за 20 насто, а до крајот на 2018-та, нивниот број ќе биде 44.
Министерката Шекеринска се заблагодари на македонските војници за професионализмот и посветеноста на задачите со што покажале дека се најдобрите амбасадори на Македонија, како земја, иден сојузник во НАТО на кој може да смета Алијансата.
„Заедно ја испраќаме пораката дека нашата стратешка цел, членството во НАТО и нашиот придонес кон светскиот мир не обединуваат, но дека пред сè и над сè не обединува нашата желба да дадеме поддршка на луѓето кои го ставаат под ризик својот живот во име и за Македонија. И затоа денеска ќе ни биде задоволство да го поминеме денот со нашите војници, припадниците на Армијата на Република Македонија и да се заблагодариме на нивната служба во име на татковината, за татковината и за нејзините стратешки цели“, изјави министерката Шекеринска.
Шекеринска се сретна со највисоко рангираниот припадник на АРМ во Авганистан, полковник Кенан Рахиќ, со командантот на мисијата „Одлучна поддршка“, генерал Остин Скот Милер, со цивилниот претставник на НАТО Корнелиус Цимерман, со командантот на аеродромот Кабул, генерал Хусеин Канбур, а преку видеокоференциска врска и со командантот за обука генерал Герхард Ернест Петер Клафус.
Високите воени претставници на Алијансата истакнале дека припадниците на АРМ професионално и посветено ги извршуваат задачите за обука и асистенција на авганистанските сили. Во посета на македонскиот контингент е и заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал Азим Нуредин и тројца пратеници.
Ирина Гелевска
