Свет

Јемен: Обновени битки, прекршено примирје

20.11.2018 13:23

И покрај договореното примирје, Хутите и владините сили во Јемен не запираат со битките. Најновото насилство ги попречува меѓународните обиди за окончување на конфликтот кој почна во 2014-та година и резултираше со огромна хуманитарна криза.

Нови борби во Јемен и покрај договорот за прекин на огнот меѓу коалицијата предводена од Саудиска Арабија и бунтовничките Хути. Воените воздухоплови продолжија со бомбардирањето по судирот на бунтовниците со провладините сили. Минатата недела, коалицијата нареди прекин на офанзивата во пристанишниот град Худајда на Црвено Море, кој е клучен за опстанокот на две третини од населението во најсиромашната арапска земја, бидејќи е точка за увоз на храна, нафта и лекови. Обединетите Нации се обидуваат да ги оживеат разговорите за прекин на тригодишната војна која предизвика огромна хуманитарна криза во која загинаа илјадници. Милиони гладуваат, и исто толку се раселени.

„Неделно имаме 25 случаи за изгладнетост, просечно 60 за месец дена. Овој центар има ограничен капацитет. Невладините и добротворните организации мора да помагаат“, изјави д-р Макија Ал Аслами.

„Илјадници семејства немаат засолниште. Гладуваат, немаат лекови, немаат здравствена нега, немаат ни вода. Овие луѓе јадат лисја.“

Конфликтот почна во 2014 година кога движењето на исламската верско-политичка вооружена организација презеде контрола врз северните делови од Јемен, протерувајќи го претседателот Мансур Хади од земјата. Година подоцна ескалираше драматично, кога Саудиска Арабија и осум други држави со мнозинско сунитско население, поддржани од САД, Британија и Франција, почнаа воздушни напади против Хутите. Ријад тврди дека се бори против бунтовничките движења, а не против цивилното население.

„Кралството постојано повторува дека поддршката за јеменскиот народ не е избор, туку должност. Обврска ни е да ги поддржуваме во соочувањето со агресорите од бунтовниците потпомогнати од Иран. Кралството повторува дека ги поддржува обидите на специјалниот пратеник во ОН за постигнување на политичко решение согласно со резолуцијата 2216 на Советот за безбедност, Заливската иницијатива и извршниот механизам, како и исходите од националниот дијалог за Јемен“, изјави Крал Салман Бин Абдулазиз, лидер на Саудиска Арабија.

Аналитичарите во заливските земји сметаат дека настаните во Јемен се дел од Студената војна меѓу Саудиска Арабија и Иран. Ријад стравува од проширување на иранската поддршка за шиитските групи, особено откако Техеран го прошири военото влијание во четири арапски земји.

Маја Филдишев