Косово не влезе во Интерпол

20.11.2018 13:27

Косово третпат не успеа да се зачлени во меѓународната полициска организација Интерпол. Не го доби двотретинското мнозинство. Ова е голема победа за малата земја Србија, велат српските власти...

Косово не успеа да обезбеди членство во Интерпол. Ни по вториот круг на гласање не доби двотретинско мнозинство во светската полициска организација. Против гласале 51 држава, за – 68, додека пак 16 биле воздржани. Според информациите, по соопштувањето на резултатите, претставниците на Приштина демонстративно ја напуштиле салата.

Српскиот претседател Вучиќ изјави дека е горд што Србија без многу пари и моќ успеала да се избори против најмоќните сили на светот и да покаже колку е вредно да се сочуваа слободата, интегритетот и независноста. Шефот на српската дипломатија, Дачиќ истакна дека ова е голема победа за Србија и за српскиот народ.

„Ова е показател дека на сила не се може ништо. Дека ништо не може да се направи без договор со Србија. Тие на сила се обидуваа да направат сѐ. Да влезат во УНЕСКО, да се изгласаат во резолуцијата во Советот за безбедност против српскиот народ. Сега на сила се обидуваа да влезат во Интерпол, спротивно на сите меѓународни правила“, изјави Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.

Во првиот круг од гласањето за прием на Косово во Интерпол, 76 земји се изјасниле за, 56 против, а 22 биле воздржани.

Исходот наводно го изненадил генералниот секретар на организацијата, по што била побарана пауза пред второто гласање. На тоа остро се спротивставил српскиот министер на полицијата, Стефановиќ, предупредувајќи дека постои намера да се збунат државите за начинот на гласање.

Ова беше трет обид на Косово за влез во Интепрол, по 2010 и 2015 година.

 

Марина Ристова