Неизвесна ситуацијата во прилепски „Еурокомпозит“

20.11.2018 13:48

Ситуацијата во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ се влошува, констатира Синдикатот. Струјата е исклучена, нема работа, 130 вработени ги подигнаа решенијата за технолошки вишок, но немаат надеж кога ќе ги добијат отпремнините зашто вработените не зеле плата два месеца. И натаму бараат одговор од Владата.

Ситуацијата во прилепски „Еурокомпозит“ е крајно неизвесна, велат од синдикатот на фабриката. Нема плата два месеца, а од денеска е исклучена и струјата поради заостанати неплатени долгови.

130 вработени си ги подигнаа решенијата за технолошки вишок, а уште 24 до 11-ти декември. Иако им било ветено дека ќе добијат дел од отпремнините до крајот на месецов, неизвесно е зошто нема пари. Единствена надеж им е продолжување на рокот на Законот за технолошки вишок за и нив да ги опфати.

Синдикатот слушнал дека имало заинтересиран инвеститор кој ќе влезе во фабриката и ќе ги подмири побарувањата на вработените - придонеси за 6 години и 18 заостанати плати, па да се работи. Но тоа, велат, ќе потрае со месеци, а сега се ем без пари, ем без работа.

 

Елизабета Митеска