Испратено брањето за екстрадиција на Груевски до унгарските власти

20.11.2018 15:06

„Ниту едно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него, не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може таа да биде одбиена“ – ова е дел од образложението на барањето на Министерството за правда со кое се бара испорачување на поранешниот премиер. Со информации за неговото бегство се огласи и спрскиот претседател, Александар Вучиќ...

Министерството за правда го испратило барањето за екстрадиција на Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија. Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него, не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во Европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена.

Во барањето до унгарските колеги, Министерството за правда посочува дека судските постапки за Груевски се мониторирани од ОБСЕ и во нивниот извештај за случаите кои ги води СЈО, нема забелешки за правата на обвинетите. Министерката за правда, Рената Дескоска вели постапката за азил трае долго во Унгарија, освен ако не спровеле екстра брза за случајот Груевски.

„Дел од материјалот е преведен, дел подоцна ќе се преведува и ќе се испраќа затоа што станува збор за многу материјал. Во барањето наведени се сите предмети, не само во случајот „Тенк“, туку и во другите во кои е обвинет, како и сите истражни и предистражни постапки“, изјави министерката Дескоска.

Не сме ние диво племе да апсиме луѓе по кои нема распишано потерница, вели во интервју српскиот претседател Александар Вучиќ. Објаснувајќи ја рутата на бегство на екс- премиерот Никола Груевски, Вучиќ објаснува дека границата кон Црна Гора и влезот и излезот од Србија, Груевски го минал во придружба на двајца унгарски дипломати со лична карта и документ за патување на негово име.

Спрскиот шеф на државата појаснува дека два дена по бегството на Груевски добиле известување за распишана потерница. Податок кој Вучиќ го кажа е дека ист мерцедес со иста документација преформанси и цени набавил и поранешниот српски претседател Тадиќ, но не може да му судат бидејќи мерцедесот е сопственост на државата.

„Со кого си играте вие во Србија. Барате да апсиме лице за кое немаше потерница. Што сме ние, диво племе, дива земја. Да апсиме луѓе за кои нема потерница во земјата, а не пак распишана меѓународна потерница“, рече во интервјуто српскиот претседател Вучиќ.

Поранешниот премиер Груевски избега од Македонија по изрекување на двегодишна казна затвор за набавка на мерцедес вреден 600.000 евра.

 

Миле Ристески