Аграр

Ќе се стимулира развојот на земјоделските задруги

20.11.2018 15:30

И апликации за постојни и апликации за формирање нови земјоделски задруги простигнаа на двата јавни повика. Просечниот износ за финансиска поддршка изнесува 50 илјади евра, максималниот 80 илјади евра...

Со странска финансиска и техничка помош ќе се стимулира развојот на земјоделското задругарство. Засега во земјава бројот на регистрирани задруги е мал, само 38, но сите не се активни. Реално функционираат само дваесетина.

На двата јавни повика за поддршка се јавиле 20 постојни, а биле добиени и 32 апликации за формирање нови земјоделски задруги.

„Да се разбереме, ние сме далеку од современо задругарство во светот. Мораме да го користиме светското искуство, земји кои што се далеку пред нас. Зошто ние викаме само социјализмот? Па беа и Бугарите, и Унгарците и балтичките земји кои се многу напред. Да го земеме Балканот поранешните ЈУ- републики, Словенија, Хрватска се понапредни од нас“, вели проф. д-р Јован Аждерски, Факултет за земјоделски науки и храна- Скопје.  

Светските искуства покажуваат дека во Холандија има повеќе задругари отколку жители, во Франција го држат половина од финансискиот сектор, во Јапонија има 10 милиони задругари, а во САД ги има над 120 милиони.

„Во светот во задругите се вклучени милијарда луѓе или секој седми жител, а во Европската унија секој петти жител на некоја земја- членка е задругар, што е многу важно“, изјави Томислав Клариќ, Хрватски центар за задружно претприемништво.

Во Хрватска се регистрирани 1.200 задруги, а активни се 904 кои годишно реализираат обрт од 230 милиони евра. Во Италија задругите генерираат околу 8% од БДП. Во Македонија преку проектот „Кер“ ќе бидат поддржани вкупно 20 постојни и новоформирани земјоделски задруги со грантови во вредност од околу 1 милион евра.

„Во следната фаза апликациите ќе добијат техничка поддршка, првенствено за изработка на бизнис план и барање за финансиска поддршка. Просечната сума на грантовите што ќе бидат доделени преку овој проект на овие задруги ќе изнесува околу 50 илјади евра, а максимално 80 илјади евра со 20% кофинансирање“, рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

ЕУ проектот за земјоделските задруги се реализира со германска, луксембуршка и словачка помош, а во соработка со УСАИД.

 

Свето Николовски