Здравство

5% од населението во Македонија боледува од ХОББ

20.11.2018 15:48

Пет проценти од населението во земјава боледува од Хронично опструктивна белодробна болест. Само годинава заболеле 2.700 граѓани. Најголем предизвикувач е пушењето, но состојбата дополнително ја влошува аерозагадувањето...

Аерозагадувањето ги полни клиниките. Сѐ поголем број пациенти со проблеми со дишењето бараат лекарска помош. Статистиката на Клиниката за пулмологија покажува загрижувачки раст на луѓе со Хронична опструктивна белодробна болест. Само годинава, заболувањето е дијагностицирано кај 2.700 лица.

„Имаме среќа што само неколку месеци во Македонија имаме ваква неповолна клима која создава аерозагадување, но во одредени делови од светот, не кај нас, хроничното експонирање може да доведе до посериозни заболувања, да влијае и на кардиоваскуларниот систем, се разбира и карциномот на белите дробови“, вели д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.

„Нешто ургентно треба да се преземе, порано се мереше загадувањето, сега се расипани апаратурите, немаме увид во тоа што се секојдневно не бомбардира нас, нашите деца, целокупната македонска јавност“, нагласува д-р Ангелко Ѓорчев, пулмолог.

Покрај аерозагадувањто, главна причина за Хронично опструктивна белодробна болест е и пушењето. Недостиг од воздух, тешко дишење, кашлица, болка во градите, слабост на организмот – се најчестите симптоми.

„Оној што е подготвен и има одлука дека сака да престане да пуши треба веднаш да го прифатиме да му направиме план и да го водиме и следиме во текот на една година, за секој индивидуално се одлучува дали ќе биде тоа со вербална поддршка или ќе треба да вклучиме и медикаметозна терапија“, изјави д-р Деска Димитриевска, Клиника за пулмологија.

„Се предвидува дека 400 милинони луѓе во светот во моментов боледуваат од Хронично опструктивна белодробна болест која кај луѓето тивко се прикрадува, бидејќи првите стадиуми на болеста пациентите ги занемаруваат потешкотиите кои се јавуваат“, изјави д-р Марија Здравеска, претседател на Македонското респираторно здружение.

ХОББ е четврта причина за смртност во светот. Важно е раното откривање на болеста, посочуваат лекарите. Колку порано се интервенира, толку се поголеми шансите на пациентите за подолг и поквалитетен живот.

 

Андријана Атанасовска