Кривичен суд

Судењето за убиството на Саздовски продолжува на 27-ми ноември

20.11.2018 16:02

Во Кривичниот суд во Скопје, рочиште за претепувањето до смрт на 20-годишниот Никола Саздовски. Сведокот ги препозна напаѓачите кои на автобуската станица му се нафрлиле на момчето. Обвинети се за убиство со умисла. Нивната одбрана побара изземање на судијката...

Сведокот, кој бил најблиску до 20- годишниот Никола Саздовски кога бил смртно претепан на автобуската станица во Автокоманда, во судницата ги препозна двајцата обвинети, Бесир Беља и Скендер Демири.

„До мене стоеja сега покојниот Никола и неговата девојка, кога му пријдоа три момчиња. Побараа нешто од него и за миг почнаа да го удираат по телото. Девојката во паника се тргна, а јас викав помош“- рече сведокот.

Вели дека тепањето траело околу минута, детето паднало и удрило на главата. Двајца од тепачите побегнале кон автомобилот „мерцедес“, а третиот уште еднаш го удрил со нога на вратот, по што заминал кон возилото.

Адвокатите на одбраната побараа изземање на судијката, поради како што рекоа, пристрасност во постапката. Двајцата адвокати на одбраната посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна. Адвокатот на семејството пак, рече да не се врши притисок врз судот.

По паузата, претседателот на судот го одби барањето за изземање , како неосновано, по што продолжи доказната постапка .

„Имаше лузна на челото и на задниот дел на главата. Не видов крв. Детето почна да модрее од очите, па надолу по лицето. Пулсот му беше слаб. Повикав брза помош и полиција. Стасаа по 15- тина минути“, сведочеше пред судот и медицинско лице, кое во критичниот момент ја преминувало улицата. Посочи, видела само како бил легнат Никола, но забележала и едно момче кое се стрчало кон возило мерцедес. Не го препозна во судницата.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сѐ уште е недостапен за органите на прогонот е распишана домашна и меѓународна потерница.

Тројцата се обвинети за убиство на Никола Саздовски што се случи на автобуската станица на 29-ти јуни годинава.

 

Наташа Гркова- Петрушевска