Груевски доби азил, Министерството за правда бара екстрадиција
Поранешниот премиер Груевски на Фејсбук објави дека Унгарија му дала политички азил поради политички прогон. Имал и сознанија за негова ликвидација во затворот, па затоа ја напуштил Македонија. Министерството за правда, пак, го испрати барањето за екстрадиција на екс-премиерот...

Унгарија одговори позитивно на моето барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија, објави екс- премиерот Никола Груевски на својот Фејсбук профил. Во барањето за политички азил навел дека истиот го бара заради политички прогон од новата влада, предводен од партијата СДСМ. Посочил конкретни примери дека во Македонија не постојат услови за фер и законски судски процес, ниту пак начин во една ваква атмосфера на политичка хајка од страна на владата да го заштити сопствениот живот. Судот и обвинителството се претворија во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на Владата- вели Груевски.
„Денес во Република Македонија се живее во услови на репресија од страна на Владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на Владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките прилики и потреби. Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и Обвинителството се користат како политичка алатка на Владата заради остварување на своите политички цели и уцени“- наведува Груевски.
Груевски вели дека имал сознанија за негова ликвидација во затворот, па затоа ја напуштил Македонија. Тој додава- јас не избегав од правдата, туку користејќи други меѓународно- правно регулирани методи, продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија.
А, Министерството за правда го испратило барањето за екстрадиција на Никола Груевски до Министерството за правда на Унгарија. Во барањето е образложено дека ниедно од делата за кои Никола Груевски е правосилно осуден или се водат постапки против него, не е политичко или воено кривично дело, односно, овие дела не се предвидени во европската конвенција за екстрадиција како дела за кои може да биде одбиена.
Во барањето до унгарските колеги, Министерството за правда посочува дека судските постапки за Груевски се мониторирани од ОБСЕ, и во нивниот извештај за случаите кои ги води СЈО нема забелешки за правата на обвинетите. Министерката за правда, Рената Дескоска вели постапката за азил трае долго во Унгарија, освен ако не спровеле екстра брза за случајот Груевски.
„Дел од материјалот е преведен, дел подоцна ќе се преведува и ќе се испраќа затоа што станува збор за многу материјал. Во барањето наведени се сите предмети, не само во случајот „Тенк“, туку и во другите во кои е обвинет, како и сите истражни и предистражни постапки“, изјави министерката Дескоска.
Поранешниот премиер Груевски избега од Македонија по изрекување на двегодишна казна затвор за набавка на мерцедес вреден 600.000 евра.
Миле Ристески
