ХАЛАЛ стандарди: Апликации за субвенции до 30 април
Халал стандардот ги отвора вратите за извоз на пазар од милијарда и 600 милиони потрошувачи. За првпат државата целосно субвенционира воведување на овој стандард кој досега го имаат само 11 македонски компании.

Халал стандардот е нов предизвик за домашната прехранбена и фармацевтска индустрија, козметичкиот сектор, туризмот. Ги отвора вратите за извоз во исламските земји, но се повеќе се применува и во ЕУ, Австралија и во САД. Владата обезбеди буџетски пари за целосно субвенционирање на овој стандард.
„Во буџетот предвидовме 3,1 милион денари за оваа намена во 2014-та. Значи за 10 компании може целосно да се покријат трошоците за воведување на еден многу битен стандард“, рече министерот за економија, Ваљон Сараќини.
„Ова се однесува не само на компаниите од прехранбениот сектор, туку и на фармацевтскиот, козметичката индустрија, производството на амбалажа и туризмот во делот на привлекување странски туристи од овие земји“, нагласи Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори.
Коморите се организираа и ги анимираа компаниите да ја искористат можноста државата целосно да им го покрие воведувањето на халал стандардот. Регионот забрзано се прилагодува кон барањата на странските пазари, но, домашните компании се уште сметаат дека има време.
„Хрватска има 60 компании со Халал, Босна и Херцеговина 50, а кај нас само десетина фирми“, вели Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанска комора на Македонија.
„Сега кога се во прашање и субвенции на Владата, која е заинтересирана да бидеме поконкурентни и да пенетрираме на пазари каде што тие се бараат, многу е мал одзивот“, изјави Мендерес Кучи, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Крајниот рок за поднесување апликации за фирмите за бесплатно воведување Халал е 30 април.
Свето Николовски
