Турција бара истрага од ОН за убиството на Кашоги
Поради недоволен напредок во расветлувањето на случајот за убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Турција планира да бара истрага од Обединетите нации. ЦИА тврди дека принцот Салман е нарачател на ликвидацијата на критичарот на Владата во Ријад, но претседателот Трамп предупреди да не се избрзува со заклучоци, зашто Саудиска Арабија е важен сојузник на администрацијата во Вашингтон.

Шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу најави дека Анкара не е задоволна од соработката со Ријад за истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, така што, би можела и формално да побара во истрагата да се вклучат и Обединети нации. По средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео повтори дека со САД ги споделува сите расположливи информации за ликвидирањето на колумнистот од „Вашингтон пост“ во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.
„Турција не го разгледува убиството како политичко прашање, туку како убиство кое мора да биде расветлено докрај. Многу земји не сакаат да ги влошат односите со Саудиска Арабија, исто како што не сакаме ни ние. Потребно е да се дознае кој го наредил убиството. Имаме премногу прашања за кои немаме одговор“, изјави Чавушоглу.
Помпео ја бранеше американската поддршка за Ријад откако претседателот Доналд Трамп изјави дека Вашингтон останува сигурен партнер на заливската земја. Не планира да ги поништи договорите за продажба на воена опрема и оружје на оваа земја, потенцирајќи дека доколку се случи такво нешто, најголема корист ќе имаат Кина и Русија.
„Постои долга историска посветеност која е од витална важност за националната безбедност на Американците. Секогаш кога Америка има информација што и е потребна, таа ја прави вистинската работа за да ги заштити интересите“, рече државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
По инспекцијата на дипломатското претставништво, турското обвинителство утврди дека по влегувањето во конзулатот, Кашоги бил задавен, па парчосан. Потоа, официјален Ријад призна дека бил убиен, но не го напуштил конзулатот, како што тврдеше на почетокот. Вашингтон воведе санкции за 17 саудиски државјани поради сомнение за соучество во убиството. Според ЦИА, нарачател на ликвидацијата бил саудискиот принц Бин Салман, а претседателот Трамп предупреди да не се избрзува со заклучоци за, како што вели, земјата со која има беспрекорни односи.
Маја Филдишев
