Економија

Голем јаз на пазарот на труд

21.11.2018 17:05

Недостигот од квалификувана работна сила е се поизразен – предупреди Сојузот на стопански комори. Во соработка со компаниите е направена анализа. Проблемот е присутен во сите сектори, особено во градежништвото, индустријата, туризмот, услужните дејности, но и во приватното здравство...

Бизнисот е отворен да преземе дел од вишокот во администрацијата, но чека Владата да се изјасни со каква квалификација е кадарот што ќе го понуди на стопанството. Од Сојузот на стопански комори предупредуваат - сe повеќе недостига квалификувана работна сила и инженери, се повеќе има правници и економисти. Велат, со заедничка стратегија и отворена дискусија, со преквалификација и доусовршување може да се најде соодветно работно место. Но, бараат за долгорочно решение поголема инклузивност во државните стратегии за продуцурање на кадровски потенцијал.

Илјадници дипломи, а мала вредност на пазарот на труд. Реформите во образованието и наставните програми треба да го следат стопанството, дуалното е само едно од решенијата, неопходна е професионална ориентација на учениците уште од основното – оценуваат бизнисмените. И владата признава, мора да се обезбедат ресурси, да се вложува во поинтересни програми во машинството, електрониката, комјуртерите, на 18- годишна возраст да се добие готов кадар што сега го нема со завршено средно или гимназија.

Анализите покажуваат, на пазарот на труд недостигаат квалификувани кадри во индустријата, во градежништвото, туризмот, услужните дејности и во приватното здравство.

 

Сузана Фиданска- Стоевска