Здравство

Околу 40 жени годишно умираат од рак на грлото на матката

21.11.2018 17:16

Во 2017-та 30 жени починале од рак на грлото на матката. Годинава откриени 8 новозаболени, соопшти Институтот за јавно здравје. Оттаму апелираат да се подигне свеста. Оценуваат оти програмата за рана детекција на малигни заболувања дава резултат, а жените се почесто прават скрининг...

Лани, 30 жени починале од рак на грлото на матката, годинава откриени 8 нови случаи. Ова го покажува статистиката на Институтот за јавно здравје. Според резултатите од скринингот, од направени вкупно 31.630 пап-тестови, клеточни абнормалности се откриени кај 2.946, најчесто е застапен ЦИН 1 и ХПВ вирусот. Од Институтот велат дека бесплатниот скриниг дава резултати, очекуваат да продолжи намалувањето на смртноста од рак на грлото на матката.

Според американското здружение, ризик фактори за појава на рак на грлото на матката се инфекции со ХПВ, ХИВ и Камидија, пушењето, стресот, начинот на исхрана, хормоналните контрацептивни средства. Лекарите апелираат жените да прават редовни контроли.

Во светски рамки, ракот на грлото на матката учествува со 3,2 процента во вкупниот број на новооткриени случаи. Во земјава најчеста е појавата на рак на дојка, на бели дробови, дебело црево, желудник и на матката.

Земјава во 2012- тата почна со спроведување на програма за рана детекција на малигни заболувања.

 

Викторија Милевска