Вучиќ: Целта на Косово е етничко чистење на Србите
Приштина ги плафонира царините за 100 насто на увозот од Србија, веројатно како резултат на одбиеното барање за членство во Интерпол. Закана за српското население на Косово, предупредува Белград, но бара сталоженост. Укинете ја одлуката, Брисел ја предупредува косовската влада...

По најновите мерки на Косово за зголемување на таксите од 10 на 100 насто за увозот на производи од Србија, српскиот претседател Александар Вучиќ свика итна седница на Советот за национална безбедност со државниот врв.
Вучиќ потоа изјави дека со мерките на Косово се утврдени четири основни цели. Првата цел е вршење притисок од страна на Приштина кој би водел кон безусловна капитулација на Белград и целосно признавање на независноста на Косово. Втората е апсолутна забрана за трговија со што се оневозможува снабдување со призводи и на Србите во северниот дел на Косово. Третата цел е притисок врз меѓународните институции да направат отстапки за Косово за визна либерализација. Додека пак, четвртата потенцијална цел на Приштина е избивање судири и дестабилизација на регионот.
„Целта е тивко спроведување на најсилното и најбрзо етничко чистење и протерување на Србите од Косово, и оние јужно од Реката Ибар, како и во северниот дел на Косово“, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Вучиќ потврди дека Србија нема да воведува контрамерки, туку ќе реагира рационално, мирно и одговорно, и изрази надеж дека ќе се избори за продолжување на дијалогот во Брисел.
Српскиот претседател ја поздрави реакцијата на еврокомесарката Могерини, која побара Косово веднаш да ја повлече мерката. Нејзина оценка е дека тоа е јасно нарушување на централноевропскиот Договор за слободна трговија и на духот на Договорот за стабилизација и асоцијација.
Реагираше и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ кој рече дека одлуката на Приштина е погрешна и ги урива постулатите, целта и намената поради која е основана ЦЕФТА.
Целта на новите мерки е да го поддржат домашното производство и да ги заштитат интересите на земјата, кусо возврати косовскиот премиер Харадинај. Србија има суфицит со Косово од околу 400 милиони евра годишно.
Марина Ристова
