118 милиони евра за капитални инвестиции
Гасификацијата ќе продолжи кон Битола, Македонија за наредната година ќе вложи 7,2 милијарди денари, појасни министерот за транспорт Сугарески. Лани биле искористени 70 насто од планираните финансии за капиталните инвестиции...
1,5 милијарда денари идната година ќе бидат наменети за гасификацијата. Парите се предвидени со предлог- буџетот. Според министерот за транспорт Сугарески, изградбата на трасата низ Водно ќе продолжи. Постапено е во делот на стеснување на трасата. Во предлог- буџетот се предвидени и средства за железницата, социјални станови, за авиолинии. Министерот за транспорт Сугарески, очекува засилени градежни активност и следната година.
„Вкупниот Буџет на Министерството за транспорт и врски за 2019 година изнесува 7 милијарди 269 милиони и 985 илјади денари, или околу 118 милиони евра. Во делот на гасификацијата, предвидени се 1 милијарда 557 милиони денари или 1, 1 милијарда денари повеќе, споредено со 2018 година. Очекувам засилени градежни работи следната година, бидејќи веќе се надминати сите спорни моменти со изградбата на гасоводот на Водно“, изјави министерот Сугарески.
Надминати се проблемите во делот на експропријацијата за изградба на првата делница од железничката пруга со Бугарија, вели ресорниот министер, која првично требаше да биде готова во септември 2016-та година.
За 18 месеци се очекуава да биде готова делницата од Куманово до Бељаковце, а во рок од три до четири месеци да заврши тендерската постапка за втората, со што би почнала и нејзината изградба.
За финансиска поддршка на нови авиолинии се предвидени 84,2 милиони денари. Со 430 милиони денари ќе се покриваат и загубите на Јавното претпријатие „Македонски железници“.
Дијана Ценевска
