Ресенските јаболка ќе одат за Дубаи
Инвестицијата на откупно- дистрибутивниот центар на компанијата „Apple Land“ од Дубаи, во Ресен се проценува на 5 милиони евра и ќе се реализира во три фази...

Во Ресен денеска започна изградбата на откупно- дистрибутивниот центар за јаболка. Инвеститор е компанијата од Дубаи „Apple Land“, која во овој ладилник ќе вложи 5 милиони евра. Инвестицијата ќе се реализира во неколку фази, а во првата фаза се планира да бидат откупени 5 илјади тони од ова овошје.
„Во овој проект планираме да работиме заедно со локалните земјоделци и можеме успешно да продолжиме кон фазите два и три, и да ја достигнеме нашата цел за складирање на 10.000 тони јаболка и да овозможиме вработувања на околу 100 луѓе од различни региони“, вели претставникот на компанијата, Франсис Турно.
Според премиерот Никола Груевски ова е историска инвестиција за овој крај која ќе го реши деценискиот проблем со пласманот на јаболката
„Инвеститорите од Дубаи почетокот на својата инвестиција го означуваат за нецела една година од моментот кога за прв пат дојоа во Македонија и го искажаа својот интерес за инвестирање во нашата земја. Тоа говори за се поголемата атрактивност на Македонија како земја со одлични услови за инвестирање, но и за ефектите од нашата работа и промоцијата на таквите услови во многу држави во светот. Особено ми е драго што оваа инвестиција е поврзана со овоштарството, како гранка од земјоделието која повеќе години наназад има целосна поддршка од Владата на Република Македонија. Во последните 4 години бележиме раст од околу 20 проценти на годишното производство на јаболка во нашата земја“, потенцира Груевски.
Ова ќе биде еден од најсовремените ладилници, не само во Македонија, туку и во регионот. Јаболката тука ќе може да се чуваат и до 10 месеци, притоа задржувајќи го истиот квалитет како да се свежо набрани.
„Во иднина, општина Ресен ќе ги стави на располагање сите свои капацитети и ќе им овозможи поддршка на сите идни инвеститори на кои ќе им овозможи услови за бизнис од кои сите страни ќе бидат задоволни“, истакна градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
Инаку компанијата „Apple Land“ во иднина најавува и други инвестиции во Македонија.
Јаболкото во Ресен се одгледува на околу 4.000 хектари. Годишно тука се произведуваат 103 илјади тони, или тоа е 67% од вкупното годишно производство на јаболка во Македонија.
Изградбата се очекува да заврши во септември, за да може веќе од оваа есен да се започне со откупот на првите количини јаболка од преспанскиот регион.
Дарко Штаргоски
