Велика Британија

Граѓаните од ЕУ во неизвесност поради Брегзит

23.11.2018 12:24

Излезот на Обединетото Кралство од Европската унија го зголемува притисокот врз политичарите во Лондон и во Брисел, но и врз обичните граѓани кои живеат на британска територија, а се со потекло од земјите- членки на унијата. Лидерите на ЕУ продолжуваат со средби во Брисел околу Брегзит, се усогласуваат за идните релации меѓу Лондон и Брисел ...

Европските државјани во сѐ поголема неизвесност поради политичките превирања на релација Лондон-Брисел за процесот за Брегзит. Меѓу клучните барања на поддржувачите на референдумот се забраната за слободно движење и враќањето на контролата на британските граници. Германката Сузана Замланд живее и работи во Лондон повеќе од три децении. Нејзините деца ги почитуваат германските корени, но не сакаат да заминат од Британија.

„Овде сум 35 години, за оваа земја имам многу направено. Државјаните од ЕУ се дел од Обединетото Кралство. Не може да ми кажат да си одам тукутака по толку децении“, изјави Сузане Замланд.

„Искрено, според последните вести и случувања, ми се чини дека Брегзит нема да се спроведе. Јас се надевам на тоа“, вели Фредерик Боулинг, син на Сузане.

„Мајка ми е Германка, но таа воопшто не звучи како Германка, го нема нивниот акцент. Неверојатно е што сега одеднаш треба да се чувствува како странец“, додава Самсон Боулинг, син на Сузане.

Противниците на Брегзит и натаму на протест пред главните државни институции низ британската престолнина. Премиерката Меј ги убедува дека договорот е вистинскиот избор за сите граѓани.

„Овој договор е добар за нас. Ги спроведува барањата од референдумот, ја враќа контролата на нашите граници, парите и законите, со тоа што ги штити работните места, безбедноста и интегритетот на Обединетото Кралство“, рече премиерката Тереза Меј. 

Најновиот предлог- договор на британската премиерка Тереза Меј резултираше со серија оставки од кабинетот на Даунинг стрит. Меѓу нив е и поранешниот секретар за Брегзит Доминик Раб кој е убеден дека е подобро да се остане земја- членка отколку да се усвојат предлозите во договорот.

„Нема да се залагам за останување во ЕУ. Но ако избирам меѓу членство во ЕУ и овој договор, со кој ќе бидеме обврзани на истите правила, но без контрола или право на глас, тогаш избирам членство“, вели Доминик Рааб, поранешен министер за Брегзит.

Тереза Меј в сабота се враќа во Брисел на состанок со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер. В недела, земјите-членки одлучуваат за договорот за повлекување и за политичката декларација за идниот однос со Лондон. Ако го усвојат, Меј ќе се обиде да ја врати поддршката на пратениците кои засега се против документот. Доколу се премислат, договорот оди на ратификација пред Европскиот парламент. Крајниот рок за Брегзит е 29-ти март идната година.

 

Маја Филдишев