Регион

Тензично на Косово по апсењето на четворица Срби

23.11.2018 13:17

Растат тензиите на северот на Косово. Акцијата на специјалците во Косовска Митровица заврши, Србите ќе протестираат, а Белград свика вонредна седница на Владата. Албанија е против зголемувањето на царините што го направи Косово кон Србија и БиХ. КФОР вели дека е мирно, иако ситуацијата е тензична откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол.

Припадниците на специјалната единица на косовската служба Росу рано изутрината упаднале во северниот дел на Косовска Митровица. Уапсиле четворица Срби на повеќе локации. Локалните жители велат дека биле вознемирени од истрели и сирени за тревога, кои се слушале речиси еден час. Претставниците на Србите во тој град свикаа седница на кризниот штаб. Градоначалникот Горан Ракиќ ги повика граѓаните на воздржаност.

„Како што може да видите граѓаните се загрижени и ако специјалната единица Росу не се повлечеше, буквално ќе се водеше војна овде на улиците. Тие едноставно сакаа да го свртат вниманието од воведувањето на новите такси и ова да биде во фокусот на јавноста“, изјави Горан Ракиќ, градоначалник на Косовска Митровица.

Ракиќ рече дека нема информации во кој правец биле одведени уапсените, додавајќи дека при приведувањето биле брутално претепани. Владата на Косово објави дека акција за апсење е поврзана со убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби и не е поврзана со актуелниот политички контекс по воведувањето на такси за српските производи.

Приштина наведека, операцијата е спроведена по налог на Специјалното обвинителство на Косово. Градоначалникот на Косовска Митровица, пак, ја повика меѓународната заедница и државните органи на Србија да ги заштитат од, како што рече, теророт од Приштина. Владата на Србија свика вонредната седница . Претседателот Вучиќ одржува итни состаноци со шефовите на војската и на полицијата, а на состаноците присуствуваат и други безбедносни служби, како и команданти на специјалните воени и полициски единици. Премиерката Ана Брнабиќ, пак, ги откажа најавените активности за денеска.

Портпаролот на командантот на КФОР, Виченцо Грасо изјави дека се информирани за апсењето на четирите лица во Северна Митровица и дека ја следи ситуацијата.

Во меѓувреме албанската влада се изјасни против одлуката на Косово за зголемување на таксите. Тамошниот министер за финансии изјави дека одлуката во овој момент не е добра ниту за Србија, ниту за Косово и дека треба да се одложи. Косовските Срби најавија мирни протести по повод одлуката на Приштина. 

 

Марина Ристова