По три години пауза извршена успешна трансплантација на бубрези од починат донор
По три години пауза, на Клиниката за урологија успешно се изврши трансплантација на бубрези од пациент кој доживеал мозочна смрт. Со дозвола на најблиските членови од семејството од починатиот, земени се бубрезите и веднаш се трансплантирани на двајца пациенти кои чекале. По интервенцијата, пациентите се чувствуваат добро...

Семејство на починат пациент се согласи по смртта да ги донира неговите бубрезите на некој, кому му се неопходни за живот. По три години пауза е направена успешна трансплантација од кадавер. Двајцата пациенти кои ги добиле органите подолго време биле на дијализа. Едниот има 30 години, а на другата пациентка ова ѝ е втора трансплантација на бубрег. И двајцата се чувствуваат добро.
„Кај една пациентка ова е втора трансплантација бидејќи минатата трансплантација пред една година не успеа, моравме да го извадиме бубрегот, настана компликација. Другиот пациент е за прв пат транспланиран, тоа е 30 годишен пациент. Ова е иднината на трансплантацијата, бидејќи трансплантацијата од жив дарител е многу сложена и многу одговорна, земате бубрег од нормален, здрав човек“, вели д-р Сашо Дохчев – директор на Клиниката за урологија.
Околу 70 пациенти има на листата за трансплантација на бубрези. Лекарите велат, има потенцијални дарители, но семејствата ретко се решаваат за овој чекор. Додаваат - потребна е кампања, оти многу луѓе можат да бидат спасени.
„Многу пати досега сме дијагностицирале мозочна смрт, но никогаш досега не сме добиле позитивен одговор. Можеби на овој начин се враќа вербата во здравствениот систем дека практично сѐ сме направиле за да ги спасиме, но во суштина некогаш сме и немоќни. Но, затоа на тој начин можеме да продолжиме дел од телото да функционира во други луѓе“, изјави д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација.
Министерот Филипче се надева дека Македонија преку Евротрансплант ќе стане дел од земјите кои разменуваат органи.
„Целта е не само да ги направиме овие органи, на за жал починатите, достапни за нашите пациенти, туку да може да ги направиме достапни тогаш кога нема да можеме да најдеме наши компатибилни пациенти и за пациентите од Европа преку Евротрансплант. Поради тоа, ја отворивме вратата преку веќе направените договори со Хрватска, за органи од починати пациенти да станат достапни за нашите“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Потенцијални донори се пациенти во кома кои ги живеат последните денови, но органите им се во добра состојба.
Кај нас засега се врши пресадување само на бубрези од починат донор. Во други земји, пак, се прават трансплантации на сите органи кои можат да заживеат во друго тело.
Андријана Атанасовска
