Министерска средба во Солун

Димитров: Македонија е определена за добрососедски односи

23.11.2018 16:03

„Македонија е определена за добрососедски односи“- порака на шефот на дипломатијата Димитров од Солун. Учествуваше на четвртата, четирипартитна средба на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија. Според него, ако земјите од регионот ги усогласат интересите, тоа ќе биде добро и за нив, и за Европа...

„Прашање на недели е создавањето иднина со решавање на големи историски прашања“- министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на четирипартитнатa средба на шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, што се одржа во Солун. На многу начини ние сме сега на ист брод и нашите напори се усогласени, рече тој. Повтори дека Македонија се определилa да гради добрососедска политика.

„Нашата соработка во регионот е корисна за нашите општества. Ако можеме да ги усогласиме нашите интереси, тоа ќе ни помогне нас, но ќе ѝ помогне и на Европа“, нагласи шефот на дипоматијата, Никола Димитров.

Димитров имаше билатерални средби со шефицата на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева, како и со домаќинот, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос.

Катругалос ја нагласил потребата да се има видливи резултати и напредок во спроведувањето на одлуките. Го поздрави предлогот на Димитров за експертски состаноци на техничко ниво. На средбата станало збор и за вмрежување на универзитети од сите четири земји со цел подобра соработка на регионот. 

 

Катерина Топалова