Балкан

Косово врие по апсењата

23.11.2018 16:10

Косовските специјалци апсеа во северниот дел на Митровица, градските власти повикаа на воздржаност. Во Белград итни сотаноци на државниот и воениот врв...

Припадниците на специјалната единица на косовската служба Росу рано изутрината упаднале во северниот дел на Косовска Митровица. Уапсиле четворица Срби на повеќе локации. Локалните жители велат дека биле вознемирени од истрели и сирени за тревога, кои се слушале речиси еден час.

Претставниците на Србите во тој град свикаа седница на кризниот штаб. Градоначалникот Горан Ракиќ ги повика граѓаните на воздржаност. Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ изјави дека српскиот народ едногласно се кренал да го брани своето право на опстанок и на опстанокот на Косово и Метохија.

Владата на Косово, пак, објави дека акцијата била поврзана со убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските срби и не е поврзана со актуелниот политички контекс по воведувањето на такси за српските производи. Агенциите пренесоа дека на уапсените им бил одреден 48-часовен притвор.

„Најновите одлуки на косовската држава имаат намера да ја сопрат деструктивноста на српските лидери кон Косово. Нашите одлуки се легитимни, легални и транспарентни. Не треба да бидат интерпретирани како одлуки насочени кон одреден дел од заедницата. Српската влада мора да сфати дека политиката на омраза, блокирање и провоцирање на Косово ја загрозува регионалната стабилност“, рече Кадри Вејсели, претседател на косовскиот парламент.

Српскиот претседател Вучиќ одржа итни состаноци со шефовите на војската и на полицијата, а на состаноците присуствуваа и други безбедносни служби, како и команданти на специјалните воени и полициски единици.

„Добивме информации за движењето на албански трупи од базата Белведере кон северот на Косово. Зад тоа стојат две можни намери. Како прво би можеле да почнат да го контролираат езерото, да покажуваат мускули или да го контролираат таканаречениот зелен премин и да го спречат влезот на стока од Србија во Косово и Метохија. Колку треба да се понизиме за некој да биде задоволен со пристапот на Србија и соработката со Албанците“, изјави српскиот претседател Вучиќ.

На одделни средби претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ ги информирале кинескиот и рускиот амбасадор за најновите настани и побарале тие да пренсат во Москва и Пекинг дека Србија никогаш не била во потешка ситуација.

Во меѓувреме, сѐ поголем број европски лидери ја осудуваат одлуката на Косово за зголемување на таксите од 100 насто за српска стока.

Марина Ристова