Продолжуваат протестите во Франција поради високите цени на горивото
Поради насилните протести, во Париз се распоредени дополнителни 3.000 полицајци. Демонстрантите за следната сабота планираат „трет чин“ од активносите против зголемувањето на цените на горивото. „Жолтите елеци“ се против даноците за дизел и бензин чијашто цел е што повеќе луѓе да се преориентираат на превоз кој не е штетен за животната средина...

По насилните протести во Париз против поскапувањето на горивата, францускиот претседател Емануел Макрон бара од Владата јасен одговор за револтираните граѓани кои веќе втора недела ги окупираат улиците на поголемите градови низ земјата.
Собирите почнаа поради зголемените цени на нафтените деривати, но набрзо прераснаа во масовен протест и искажување на незадоволство од ниските примања. Илјадници поддржувачи на движењето на т.н „Жолти елеци“ бараат оставка од шефот на државата.
На улиците на Париз гореа барикади, кршеа излози на луксузни продавници и корнеа семафори. 130 се уапсени, а дваесетина повредени. За насилството, Владата обвинува мала група на ултрадесничари кои ја воделе масата.
„Протестот е повеќе од оправдан. Работиме со години, се мачиме, а фукнционерите во валдата живеат како кралеви. Неподносливо е. Работам 22 години и заработивам 1.400 евра месечно. Претседателот Макрон троши 500 илјади евра за вечера, лут сум што постојано истите луѓе мора да преживуваат.“
„Триесет години чекам Французите да преземат нешто, да реагираат, постојано се жалиме, а никој не презема ништо. Ги повикувам сите кои се жалат да се придружат во движењето. Ќе успееме. Веќе не е невозможно. 2019-та година ќе биде ужасна, драматична година. Постојат стари луѓе кои не вечераат зашто не можат да си дозволат, има невработени, па и вработени кои до петнаесетиот во месецот се без пари. Доста е!“, велат дел од демонстрантите.
Во Париз се распоредени дополнителни 3.000 полицајци. Демонстрантите за следната сабота планираат „трет чин“ од протестните активности поради зголемувањето на цените на горивото. Анкетите покажуваат дека речиси 80 насто од Французите ги поддржуваат „Жолтите елеци“.
Маја Филдишев
