Свет

Русија заплени украински бродови, Украина на готовс

26.11.2018 13:00

Воени надигрувања, престрелки, блокади, заплена на бродови во Азовското море, се затегнуваат односите меѓу Киев и Москва. Најпрвин украински воен брод отворил оган врз руските, кои возвратиле. Повредени се шест украински морнари, а Русија ја покрена воената авијација. Побара итна седница на Советот за безбедност...

Ден по инцидентот во Азовското Море, кога Русија заплени три украински брода со употреба на оружје, состојбата во мореузот е мирна, но растат тензиите на политичко ниво. Советот за национална безбедност и одбрана на Украина предложи воведување воена состојба, а Русија побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Украинскиот претседател Порошенко оценува- Украина не планира да војува со никого и дека прогласувањето воена состојба не значи прогласување војна. Побара од Русија да ги ослободи морнарите и да ги врати бродовите.

„Воената состојба ќе биде исклучиво за зајакнување на одбранбените способности на државата во услови на зголемување на агресијата и акциите од страна на Руската Федерација. Тоа не значи дека одбиваме политичко и дипломатско решение за ослободување на украинската територија. Ќе продолжиме да ги следиме сите меѓународни обврски, вклучувајќи го и договор од Минск“, изјави Петро Порошенко, претседател на Украина.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека инцидентот е дефинитивна провокација од страна на Украина.

„Нема сомневање дека впловувањето на украинските бродови во руските територијални води е направено намерно и под директна наредба од раководството“, рече шефот на руската дипломатија, Лавров.

Во близина на Амбасадата на Русија во Киев, пред која во текот на ноќта се собраа голем број граѓани, бил запален автомобил со руски регистерски таблички.

Државниот заменик министер за надворешни работи на Русија, Григориј Карасин изјави дека вчерашните инциденти се провокација од Киев за да се разниша Украина со објавување воена состојба, мобилизирање на анти- руско настроениот запад и заострување на санкциите кон Москва.

Министерството за одбрана на Украина воизврати со највисока борбена готовност на војската. Министерството побара нови, засилени санкции, а НАТО соопшти дека ја следи ситуацијата и дека е во контакт со украинските власти.

Во меѓувреме Турција изрази загриженост за инцидентот, додека Полска го осуди агресивното однесување на русија.

Тензиите на релација Москва- Киев се засилија откако бродови на руската крајбрежна стража запленија три украински брода во близина на Крим кои се обиделе да преминат преку мореузот Керч. Во инцидентот беа ранети шест украински војници. Москва, која тврди дека и украинските бродови претходно одговориле оган, соопшти и дека е покрената руската авијација со патроли на авионите Сухој-25.

Марина Ристова