Босфорски самит

Иванов повика на поголема поврзаност

26.11.2018 13:10

Македонија е заморена од чекањето за членсво во ЕУ и затоа Брисел треба час поскоро да ги почне преговорите со земјата, изјави во Истанбул претседателот Иванов на конференцијата за мирот и развојот. Македонија направи многу за запирање на мигрантската криза, нагласи Иванов но, и во Европа и во регионот ни треба обединување, а не раздвојување...

„Како држави, успеавме да го затвориме балканскиот коридор за илегалните мигранти. Но, не успеавме да ја спречиме миграцијата на нашите млади, кои со илегалните мигранти имаат едно нешто заедничко, тоа е нивната дестинација кон најразвиените европски центри“, ова го истакна претседателот Иванов од 9. Босфорски самит што се одржува во Истанбул.

Шефот на државава порача дека од поврзаноста зависи дали ќе се вброиме меѓу развиените европски и светски региони, и оти затоа, треба да се насочиме кон она што нè обединува, наместо кон она што нè раздвојува“. Повика Брисел да ги започне преговорите со Македонија.

„Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се бавиме со реформи, ние почнавме да се бавиме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Република Македонија“, изјави претседателот Иванов.

Иванов посочи дека економиите се соочуваат со три предизвици: малите пазари за големите компании, големиот одлив на стручен кадар и застарениот начин на функционирање на дел од компаниите. Според него, неопходна е економска и транспортна поврзаност.

„Кога се гради нова инфраструктура, се менува и географијата и иднината. Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен – Истанбул, брзата пруга Будимпешта –  Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар – Морава – Дунав се мегапроекти што ќе им овозможат на државите од регионот да бидат меѓусебно цврсто поврзани“,  нагласи претседателот Иванов.

Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност се клучни за одржлив мир и развој за сите, рече претседателот Иванов на 9. Босформски самит, чијшто покровител е турскиот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган.

Од Истанбул, македонскиот претседател заминува за Бурса, кадешто ќе одржи предавање на Универзитетот „Улудаг“.

Мартин Пушевски, специјален известувач од Истанбул за МРТ