Макрон под притисок поради антивладините протести
Поради насилните протести, во Париз се распоредени дополнителни 3.000 полицајци. „Жолтите елеци“ се против даноците за горива кои Владата ги воведе од еколошки причини. Во судирите со полицијата има повредени и уапсени лица. За сабота е најавен нов собир...

По насилните антивладини протести во Париз против поскапувањата на горивата и нискиот животен стандард, претседателот на Франција, Макрон е под притисок на јавноста поради мерките за заштита на животната средина. Револтираните граѓани веќе втора недела ги окупираат улиците на поголемите градови низ земјата. Собирите набргу прераснаа во масовен протест и искажување незадоволство и од ниските примања. Бараат оставка од шефот на државата, кој според нив, ветувал дека ќе ги полни џебовите на народот. Противниците од политичкиот свет веќе го нарекуваат „претседател на богатите“.
„Кога се однесувате како Луј 14, очекувајте револт. Французите ги поддржуваат „Жолтите елеци“ зашто Макрон им ветуваше нов свет, а сега гледаат дека неговата политика не е ефикасна. Не се зголеми моќта, не се намали невработеноста, а даноците и трошоците постојано растат“, изјави Бруно Ретајо, лидер на Републиканската опозиција во Сенатот.
„Сегашната криза не е само поради проблемот со нафтата. Важно е работата да биде добро платена за да се подобри животниот стандард. Време е да се послушаат Французите“, вели Бруно Ле Мер, министер за економија на Франција.
Илјадници поддржувачи на движењето на т.н. „Жолти елеци“ на улиците на Париз палеа барикади, кршеа излози на луксузни продавници и откорнуваа семафори. 130 луѓе се веќе уапсени, а дваесетина повредени.
„Протестот е повеќе од оправдан. Работиме со години, се мачиме, а фукнционерите во Владата живеат како кралеви. Неподносливо е. Работам 22 години и заработувам 1.400 евра месечно. Претседателот Макрон троши 500 илјади евра за вечера, лут сум што постојано истите луѓе мора да преживуваат.“
„Триесет години чекам Французите да преземат нешто, да реагираат, постојано се жалиме, а никој не презема ништо. Ги повикувам сите кои се жалат да се придружат во движењето. Ќе успееме. Веќе не е невозможно. 2019 година ќе биде ужасна, драматична година. постојат стари луѓе кои не вечераат зашто не можат да си дозволат, има невработени, па и вработени кои до 15-ти во месецот се без пари. Доста е!“
Во Париз се распоредени нови 3.000 полицајци. Демонстрантите за следната сабота планираат таканаречено трето продолжение. Слична серија протести против зголемувањето на данокот и на цената на горивата се одржаа и во 2008 година.
Маја Филдишев
