Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија

26.11.2018 14:12

Под диригентската палка на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе теми од едни од најдобрите научнофантастични филмови на сите времиња: „Војна на ѕвездите“, „Ѕвездени патеки“, „Одисеја 2001“, „Алиен“, „Аполо 13“, „Почеток“, „Меѓуѕвезден“...

„Научна фантастика на платно“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи овој четврток во 20 часот. Под диригентската палка на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе теми од едни од најдобрите научнофантастични филмови на сите времиња: „Војна на ѕвездите“, „Ѕвездени патеки“, „Одисеја 2001“, „Алиен“, „Аполо 13“, „Почеток“, „Меѓуѕвезден“...

Научнофантастичните филмови како генерална тематика ги користат фиктивните описи втемелени на науката за феномени кои не се целосно прифатени, пак, во класичната наука. Патувањата низ вселената, генетски мутираните суштества, „Марсовците“, патувањата низ времето... или алегоричното прикажување на политичко-социјални теми се само дел од содржините на СФ филмовите.

Неисцрпна инспирација на композиторите, пак, се токму научнофантастичните филмови, затоа што тогаш имаат, едногласни се сите, ретка можност да создадат специфична, уникатна партитура. Волшепствата, вселената, натприродните сили, чудовиштата, предметите од иднината... се доволен мотив музиката да биде креирана на едно поинакво ниво, надвор од клишеата, соопштуваат од Македонската филхармонија.

Маестро Тимоти Редмонд (1971) е еднакво активен како диригент и на концерти и на опери во Европа и во САД, посветувајќи внимание и на музичките проекти со малку попопуларна конотација, како што е филмската музика, на пример. Тој е професор по диригирање на школата за музика „Гилдхол“, наедно е и шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и е редовен гостин-диригент со Лондонската филхармонија. Постојано диригира и со останатите оркестри во Велика Британија, како што се Филхармониските оркестри на Би-Би-Си, симфониските оркестри во Шкотска, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, Англискиот камерен оркестар, Бритн синфонија, Градскиот симфониски оркестар на Бирмингем итн.