Здравство

Нов тендер за лабораториски реагенси

26.11.2018 15:30

Ресорниот министер смета дека за три години ќе се заштедат од 5 до 6 милиони евра. Централизирана лабораторија ќе има во секој град, а крвта ќе се транспортира по одредени критериуми.

Министерството за здравство не се откажува од тендерот, вреден 35 милиони евра за набавка на лабораториски реагенси за крвни анализи. Ресорниот министер смета дека за три години ќе се заштедат од 5 до 6 милиони евра. Централизирана лабораторија ќе има во секој град, а крвта ќе се транспортира по одредени критериуми.

„Ова се промени кои што ќе им донесат бенефит на пациентите, прво пацинетите ќе бидат упатувани на истите места каде што беа и до сега. Ќе останат лаборантите кои што ќе вадат крв и крвта понатаму соодветно ќе се транспортира. Нема да има отпуштања од работа, доколку е потребно дел од специјалистите биохемичари ќе го надополнат кадарот кој што недостасува во централната лабоаторија во нивниот град“, изјави министерот Филипче.

Во Скопје, пак, вакви лаборатории ќе има во големите болници, градската општа болница „8- ми Септември“, болницата за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Во поликлиниките, пак, лабораториите ќе се преполоват, наместо во 11, лаборатории ќе има само во 5 или во 6.

„Лабораториите во поликлиниките во рамките на Здравствениот дом ќе бидат распределени таму каде што ќе бидат пунктовите каде што најверојатно од јануари ќе има дежурни служби, пред сѐ педијатри. На сите други места ќе биде до најблиската поликлиника организиран транспорт“, изјави Филипче.

За две недели, тендерот за набавка на реагенси повторно ќе биде распишан, откако пред четири месеци беше поништен поради некомплетна документација.

Тендерот предизвика реакции во јавноста откако беше откриено дека конкурирала фирма, основана неколку месеци пред неговото распишување. Постапка за случајот отвори и Јавното обвинителство.

 

Андријана Атанасовска