Тензии на американската граница со Мексико
Американските единици за заштита на границата со Mексико употребија солзавец против масовниот бегалски карван од Централна Америка, откако група се обиде насилно да влезе преку преминот Сан Исидро. Во инцидентот има и повредени и уапсени. Претседателот на САД, Доналд Трамп се закани со трајно затворање на премините...

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека трајно ќе ја затвори границата со Мексико доколку карванот од Централна Америка продолжи насилно и илегално да влегува на територијата на САД. Од Конгресот побара да го финансира ѕидот чијашто изградба одамна ја најави за границата која се протега на 3200 километри. Најновата закана следи по судирот на единиците за гранична заштита и мигрантите кои се обидоа насилно да влезат на американска територија. Засега е затворен најфреквентниот граничен премин меѓу Сан Диего и Тихуана.
„Постои сериозно насилство. Околу 500 луѓе се криминалци и членови на банди. Солзавецот е користен во минимални форма, безбеден е. Се прашувам зошто родиелите трчаат со децата во област каде што знаат дека ќе има солзавец? Мексиканските власти напорно работат на случајот, но јас одамна ќе ги спречев мигрантите да стигнат и до таму“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Мекиско вети дека ќе ги зголеми безбедносните мерки на границата со САД по инцидентот за време на викендот во кој има повредени и уапсени.
„Уапсивме 194 мигранти. Ги делиме по националност. 164 се од Хондурас, 13 од Ел Салвадор, еден од Никарагва и 16 од Гватемала“, изјави Марио Мартинез, шеф на полицијата во Тихуана.
„Граничните премини не смеат да се затворат. Верувам дека целата заедница на Тихуана се согласува со мене. Мора да внимаваме и во начинот на кој употребуваме сила за да нема повредени ни кај полицијата ни кај цивилите“, вели Марко Антонио, општински секретар.
И покрај заострените мерки на американската граница, мигрантите кои во најголем број доаѓаат од Хондурас, велат дека ќе чекаат во Тихуана додека не им биде овозможено да бараат азил во САД. Во меѓувреме, преговарачите од двете земји одржаа средба за да се договорат на кој начин дојденците од Централна Америка ќе бидат задржани во Мексико додека не им бидат сослушани барањата за азил. За активирање на процесот на САД ќе им бидат потребни до три месеци. Од одлуката зависат 5.200 луѓе кои се сместени во засолништа во Тихуана.
Маја Филдишев
